УТРО.мк

Турбуленции во Алијансата на Села: Судири за кандидатурите во Струга, Арачиново и Дебар

Турбуленции во Алијансата на Села: Судири за кандидатурите во Струга, Арачиново и Дебар
Vero

Во пресрет на локалните избори, во крилото на Алијансата за Албанците предводено од Зијадин Села се засилуваат внатрепартиските тензии поради несогласувања околу кандидатурите за градоначалници во општините кои им припаѓаат според рамката на опозицискиот Европски фронт.

Во Струга, актуелниот претседател на партиската организација Лулзим Насуфи одбива да се повлече од трката, потсетувајќи дека кандидатурата му била ветена уште при неговото именување. Сепак, во партиските кругови се зборува дека и самиот Села размислува да се кандидира во родната Струга, со што се отвора простор за сериозен судир меѓу локалното раководство и врвот на партијата.

Слична ситуација се развива и во Арачиново, каде што Дритон Небиу, поранешен директор на Агенцијата за управување со конфискуван имот, веќе започна неофицијална кампања преку социјалните мрежи, добивајќи поддршка од поранешниот министер за правда Кренар Лога. Но, неговата кандидатура ја одбива локалната организација. Претседателот на огранокот на АА во Арачиново, Скеднер Исуфи, отворено се противи, велејќи дека Небиу веќе двапати бил функционер и дека сега е време тој, како локален лидер, да ја преземе одговорноста за управување со општината.

Во Дебар, пак, партијата е пред уште една неизвесна битка. Таму се соочуваат двајца влијателни имиња – поранешниот заменик-министер за одбрана Тирон Јајага и актуелниот претседател на огранокот Илирјан Фетаху. Двајцата тврдат дека имаат силна поддршка и од базата и од раководството, што дополнително ја усложнува состојбата.

Овие несогласувања го отсликуваат поширокиот предизвик со кој се соочува крилото на Села – внатрешна кохезија и јасна координација на терен, во период кога се обидува да ја зацврсти својата позиција во новата опозициска структура – Европски фронт.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран