Поради продолжениот топлотен бран што ја зафати државата, Владата усвои нов сет препораки за заштита на граѓаните, особено на ранливите категории. Од 23 до 26 јули, работодавачите треба да ги ослободат од работни обврски бремените жени и лицата постари од 60 години, информираа од Владата.
Препораките предвидуваат и можност за работа од далечина, флексибилно или двократно работно време – секаде каде што е изводливо. Исклучок се вработените во критичната инфраструктура: здравство, полиција, армија, транспорт, енергетика и јавни комунални служби.
Министерството за здравство посочи дека топлотниот бран со температури над 40°C ќе трае до 26 јули, според последната прогноза на УХМР. Поради тоа, Владата ги потсети и на веќе важечките мерки од Акцискиот план за заштита од топло време:
одложување на работниот процес од 11 до 17 часот на отворено, простории со температура до 25°C, активирање на вонредни протоколи во здравствени установи, домови за стари лица и образовни институции.
Министерството апелира граѓаните да престојуваат во разладени простории, да внесуваат многу течности, да избегнуваат алкохол и тешка храна, да носат лесна облека и да не излегуваат надвор во најтоплите часови.
При симптоми како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс, веднаш да се побара лекарска помош.