УТРО.мк

СКОПЈЕ НА РАБ НА СУША: Водовод предупредува дека водата исчезнува, граѓаните да ја користат одговорно!

СКОПЈЕ НА РАБ НА СУША: Водовод предупредува дека водата исчезнува, граѓаните да ја користат одговорно!
Vero

Енормна потрошувачка на вода во Скопје – „Водовод и канализација“ бара итна одговорност од граѓаните и општините

Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје денеска повторно апелира до жителите на главниот град да постапуваат совесно и рационално со водата за пиење, предупредувајќи дека континуираната прекумерна потрошувачка доведува до сериозни проблеми во снабдувањето.

Од претпријатието информираат дека енормното дневно трошење вода, особено за несуштински намени како што се полевање бавчи, перење возила или полнење базени, предизвикува намален притисок и повремени прекини во водоснабдувањето во одредени делови од Скопје.

Во соопштението, „Водовод и канализација“ укажува на ограничените природни ресурси со кои располага градот и бара од граѓаните да бидат одговорни, а од локалната самоуправа – да се вклучи активно во подигање на јавната свест преку своите служби и месните заедници.

„Имајќи го предвид фактот дека градот Скопје се снабдува од природен извор со ограничени количини вода за пиење од непроценлива вредност, апелираме до сите граѓани на градот Скопје за рационална и совесна употреба на водата за пиење, како и избегнување непотребно трошење на водата за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, за полнење на базени и сл. Воедно апелираме и до органите на локалната самоуправа, согласно надлежностите, преку службите со кои располагаат, како и преку месните заедници на територија на општините, да се ангажираат во подигање на свеста кај жителите на општините за рационално користење на водата за пиење,“ наведува претпријатието.

Дополнително, од ЈП „Водовод и канализација“ упатуваат и повик до граѓаните да пријават евентуални диви приклучоци, кои, според нив, сериозно го оштетуваат водоснабдителниот систем и влијаат врз квалитетот на услугата за сите корисници во градот.

Пријавувањето е можно на телефонскиот број 02 3073 010, преку е-пошта [email protected] или на официјалната веб-страница www.vodovod-skopje.com.mk.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран