УТРО.мк

Суспендиран в.д. претседателот на гостиварскиот суд осомничен за мито од 8.000 евра

Суспендиран в.д. претседателот на гостиварскиот суд осомничен за мито од 8.000 евра
Vero

Судскиот совет денеска на итна седница донесе одлука времено да го оддалечи од вршење на судиската функција в.д. претседателот на Основниот суд Гостивар, Елјеса Алији, кој е осомничен во истрага за примање мито и противзаконито влијание.


Како што соопштија од Судскиот совет, за вршител на должноста претседател на гостиварскиот суд е назначен судијата Мирослав Петроски, кој работи во истиот суд.
Одлуката следува откако Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против Алији и судски администратор, кои се сомничат дека барале и примиле вкупно 8.000 евра за да влијаат врз судски постапки во Основниот и Апелациониот суд во Гостивар.


Според ОЈО ГОКК, двајцата се гонат за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“.
Обвинителството наведува дека осомничените во периодот од 2023 до 2025 година, користејќи ја својата службена положба и влијание, барале и примиле пари од лице кое било странка во граѓански спор.


„Осомничените заедно, со умисла искористувајќи ја својата службена положба, реално и претпоставено влијание како претседател и судски администратор, барале и примиле парична награда во износ од 8.000 евра“, соопштија од ОЈО ГОКК.
Според истрагата, на почетокот на 2023 година тие му ветиле помош на лицето во судска постапка, при што за 5.000 евра требало да интервенираат кај судија во Основниот суд Гостивар за повторување на постапка во која претходно била донесена одбивателна пресуда.


Откако не успеале да обезбедат позитивен исход, повторно побарале пари – овој пат дополнителни 3.000 евра – за да влијаат врз судии во Апелациониот суд Гостивар со цел да биде укинато решението со кое не било дозволено повторување на постапката.


Во истрагата е опфатен и судскиот администратор, кој според обвинителството дополнително примил 800 евра за да заврши работа поврзана со писмен документ доставен од извршител.
На предлог на ОЈО ГОКК, Основниот кривичен суд Скопје на двајцата осомничени им одреди мерки на претпазливост. Тие добија забрана за напуштање на живеалиштето, обврска повремено да се јавуваат кај надлежен орган, одземени им се патните исправи и им е забрането да вршат работни активности поврзани со делото за кое се гонат.

MegaWin
MegaWin
Green Machines

Сподели го овој напис

MegaWin
MegaWin
Филигран