УТРО.мк

Родителите ќе плаќаат по 250 евра за врсничко насилство: Државата подготвува остри мерки по серијата инциденти во училиштата

Родителите ќе плаќаат по 250 евра за врсничко насилство: Државата подготвува остри мерки по серијата инциденти во училиштата
Vero

По серијата случаи на врсничко насилство, физички пресметки и сајбер булинг во училиштата низ Македонија, Министерството за образование и наука подготвува законски измени со кои родителите на деца што вршат насилство ќе се соочат со парични казни од 250 евра.


Новите мерки ги најави министерката за образование Весна Јаневска, која посочи дека измените на Законот за основно образование веќе се дооформуваат и наскоро ќе влезат во собраниска процедура.
Според најавите, казната нема да се однесува само на случаи кога ученик ќе изврши насилство, туку и кога родителите ќе одбијат да соработуваат со училиштата и институциите.


„Веќе е донесена таа одлука, тие измени ќе се направат и останува казната од 250 евра за секое сторено насилно дело на детето да биде казнет родителот, но и тоа што е многу важно, повторувам, и кога родителот ќе одбие да соработува со училиштето и другите институции“, изјави Јаневска.


Во меѓувреме, Министерството за внатрешни работи најави дополнителни контроли и проверки на приватните агенции за обезбедување кои работат во училиштата.
Министерот Панче Тошковски порача дека МВР ќе реагира доколку се утврди дека обезбедувањето не постапувало соодветно во ситуации кои ја загрозуваат безбедноста на учениците и наставниците.


„Ако има такви ситуации, секако дека МВР по добиени информации ќе си ја преземе надлежноста согласно закон“, изјави Тошковски.
Тој посочи дека компаниите кои добиваат лиценци за обезбедување претходно детално се проверуваат, но дека дополнително ќе се анализира дали во пракса ги исполнувале обврските и дали постојат основи за евентуално одземање лиценци.


Во меѓувреме, опозициската СДСМ побара одговорност од министерката Јаневска, но и разрешување на директори на училишта кои, според партијата, прикривале случаи на насилство.
Претседателот на Комисијата за образование и наука на СДСМ, Јованче Манасков, оцени дека училиштата се соочуваат со сериозен безбедносен проблем.
„Секојдневно сме сведоци на булинг, физички пресметки, закани и инциденти со ладно оружје во училиштата и ученичките домови. Ова повеќе не се изолирани случаи, туку сигнал дека системот за превенција потфрла“, изјави Манасков.


Дополнителен притисок за институциите дојде и од јавноста, откако актерката Весна Петрушевска покрена петиција за поголема заштита на децата од штетните влијанија на социјалните мрежи и интернет булингот.
Со петицијата се бараат законски измени и воведување посилни механизми за контрола и заштита на децата во онлајн просторот, по примерот на повеќе европски земји.

MegaWin
MegaWin
Green Machines

Сподели го овој напис

MegaWin
MegaWin
Филигран