Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека по завршувањето на локалните избори ќе следуваат конкретни чекори за прочистување на судско-обвинителскиот систем, оценувајќи дека дел од судиите и обвинителите имаат премногу низок рејтинг за да останат на своите функции.
„Да почекаме да завршат локалните избори и ќе видите какви чекори ќе преземеме. Со два проценти рејтинг треба да си заминат дома, а не да бараат повисоки плати и поголем буџет“, изјави Мицкоски по средбата со претставници на Стопанската комора на северозападна Македонија.
Тој додаде дека критиките не се однесуваат на сите, но посочи дека „неколкумина измеќари го контаминираат целото обвинителство и судство“.
„Кога јас би имал два проценти рејтинг, би си заминал. Нема да се занимавам со ова што се занимавам“, порача премиерот.
Мицкоски и претходно јавно се спротивставуваше на зголемувањето на платите за судиите и обвинителите, како што е предвидено во реформските закони за правосудството, сметајќи дека нивната работа и одлуките што ги носат не ја оправдуваат таквата привилегија.
На изјавите на премиерот реагираа од здруженијата на судии и јавни обвинители, од каде што порачаа дека нивните примања се најниски во регионот и дека ваквите квалификации се неприфатливи за независното судство.