Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, се огласи по извештаите за наводен обид за труење на поранешниот сириски претседател Башар ал Асад во Москва. На средбата со претставници на арапските медиуми, Лавров истакна дека Асад и неговото семејство се во руската престолнина „исклучиво од хуманитарни причини“.
Тој додаде дека руските власти им доделиле азил бидејќи биле „изложени на закани за физичко насилство“. „Тој нема проблеми во нашиот главен град. Немало труење. Доколку се појават такви гласини, ги оставам на совеста на оние што ги ширеле“, рече Лавров.
Светските медиуми минатата недела објавија дека Асад бил итно примен во болница и дека некој наводно се обидел да го отруе, што според Лавров, не одговара на вистината.