Британската разузнавачка служба за внатрешни работи MI5 издаде јавно предупредување до британските политичари дека се „на мета на шпиони од Кина, Русија и Иран“, јави Reuters.
Упозорувањето доаѓа една недела откако обвинителите беа принудени да го прекинат судењето на двајца Британци обвинети за шпионирање на британски политичари за Кина, поради тоа што владата не доставила докази дека Кина претставува закана за националната безбедност.
„Кога странски сили крадат витални информации или манипулираат со нашите демократски процеси, тие не само што ја загрозуваат нашата безбедност, туку и ги поткопуваат темелите на нашиот суверенитет“, рече генералниот директор на MI5, Кен МекКалум.
MI5 ги повика политичарите и нивните соработници да бидат внимателни кон „невообичаени социјални интеракции“, како чести барања за приватни средби, и да внимаваат ако се изложени на „прекумерно ласкање“.
Во јануари 2022 година, MI5 предупреди и за адвокатката Кристин Ли, тврдејќи дека била вклучена во активности за политичко влијание во Британија во име на Кинеската комунистичка партија. Според MI5, таа помогнала во обезбедување на финансиски донации за парламентарци од странски државјани од Хонг Конг и Кина. Ли поднела тужба против MI5, но ја загубила.
И покрај обидите на британскиот премиер Кир Стармер за подобрување на односите со Кина, Лондон и Пекинг повеќепати разменувале обвиненија за шпионирање, при што британските безбедносни служби предупредувале на кинески обиди за продирање во политичките и бизнис кругови.
Кинеската амбасада во Лондон го негираше последното обвинение и го оцени како „целосно измислено и злонамерно“.