Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека лично поддржува воведување на законска обврска за токсиколошки проверки на сите лекари, по скандалозната видео-снимка на директорот на Клиниката за неврологија, Игор Кузмановски, на која тој меша бела прашкаста материја и вели дека зема „само чисто бело“.
Алиу посочи дека не е сигурен дали ваква мерка може правно да се дефинира во моменталните измени на 12 здравствени закони.
„Правно не знам дали тоа може да се дефинира. Јас би сакал, како министер за здравство, да има таков член во законот, но не можам да кажам во кој точно закон и дали тоа може да се формулира. Лично сметам дека треба да постои уште една институција која ќе го проверува и тој аспект, покрај стручноста“, изјави Алиу.
Разрешениот директор Кузмановски, според информациите, од март годинава работел со истечена лиценца. Алиу нагласи дека повеќе комисии — меѓу кои Лекарската комора и Државниот санитарен и здравствен инспекторат — веќе утврдуваат дали и какви прегледи вршел Кузмановски во тој период.
Министерот најави и техничко решение за спречување на вакви случаи во иднина — во системот „Мој термин“ ќе се внесе рокот на лиценцата, а лекарите со истечена лиценца нема да можат да се логираат.
Алиу потврди дека за в.д. директор на Клиниката за неврологија е назначен Јован Божиновски, специјалист невролог и асистент на Медицинскиот факултет во Скопје. Божиновски најави формирање на две интерни комисии кои ќе спроведат внатрешен стручен надзор на работата на поранешниот директор во изминатите 12 месеци.