УТРО.мк

Судењето за пожарот во „Пулс“ забавува: Само еден сведок се појави на денештното рочиште

Судењето за пожарот во „Пулс“ забавува: Само еден сведок се појави на денештното рочиште
Vero

Судскиот процес за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде што животот го загубија 63 лица, а над 230 беа повредени, сè повеќе ја губи динамиката и трпението на семејствата на жртвите. Наместо интензивно сослушување сведоци, рочиштата се сведуваат на по еден, максимум двајца дневно, а дел од нив воопшто не се појавуваат.

Денешното рочиште помина речиси во целост во знакот на сведочењето на еден единствен сведок, Теа Ѓоргиева. Другите повикани не биле достапни, што дополнително ја пролонгира постапката. Во судницата сè поретко се појавуваат родителите и блиските на настраданите, кои отворено негодуваат дека плаќаат патни трошоци до Скопје за процес што се движи со бавност која, според нив, е неподнослива.

Тензиите околу текот на судењето не се нови. На едно од претходните рочишта, постапката беше прекината откако првообвинетиот Дејан Јованов, познат како „газда Деко“, побара медицинска интервенција. Иако Брзата помош утврдила дека е способен да го следи судењето, изгубени биле повеќе од деведесет минути.

Во своето сведочење, Ѓоргиева ја долови атмосферата пред и за време на трагедијата со вознемирувачка јасност. Таа била сместена на маса веднаш до бината, каде што, како што раскажа, пиротехничките средства биле поставени опасно блиску до гостите.

„Дури и се пошегував со другарка ми дека може да ни ја запалат косата“, рече таа, опишувајќи момент кој на почетокот не изгледал заканувачки.

Пожарот, како што сведочи, не бил веднаш сфатен сериозно. Искрите од сцената преминале на таванот, но присутните останале уште некое време, сè додека не станало јасно дека ситуацијата излегува од контрола. Обидот за излез се претворил во хаос.

„Гужвата беше огромна. Во еден момент паднав и останав заглавена. Мирисот беше тежок, кисел, неприроден. Слушав експлозии зад мене“, сведочеше таа.

Спасот го нашла благодарение на еден член од обезбедувањето, Стојанчо, кој ја извлекол од метежот. Интересно е што, според досегашните сведочења, некои од луѓето кои активно помагале не се меѓу обвинетите, додека обвинетите обезбедувачи тврдат дека неправедно се гонат.

Сведочењето на Ѓоргиева отвори и прашања за материјалите користени при уредувањето на објектот. Таа зборуваше за необичниот мирис и за течност што капела од таванот: детали што се совпаѓаат со обвинението дека во објектот биле вградени леснозапаливи и токсични материјали. Во комбинација со пренатрупаноста, над 600 продадени билети за простор со ограничен капацитет и само еден излез — овие фактори, според обвинителството, биле кобни.

Следното рочиште се очекува да донесе особено тежок момент за сите присутни: читањето на обдукциските извештаи за жртвите, кои треба да ги разјаснат точните причини за смртта.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран