
Туристичко-угостителската комора на Македонија упатила официјален апел до грчкото Министерство за туризам со барање македонските туристи привремено да бидат изземени од новата биометриска контрола при влез во Грција, која произлегува од воведувањето на европскиот систем за влез и излез (EES).
Според претседателот на Комората, Аркан Керим, иницијативата е веќе комуницирана и на највисоко ниво во грчките институции. Барањето се однесува на летниот пик, од 1 јуни до 1 септември, период кога традиционално најголем број македонски граѓани патуваат кон грчките летувалишта.
„Очекуваме разбирање и брз одговор од грчката страна, со оглед на интензитетот на туристичкиот сообраќај во летните месеци,“ изјавил Керим, нагласувајќи дека целта е да се избегнат застои и долги чекања на границите.
Прашањето за олеснување на граничните процедури не е изолирано. Слични иницијативи се појавуваат и во други земји од регионот. Во Србија, на пример, туристичките власти најавуваат дека постои можност за флексибилна примена на новиот систем во шпицот на сезоната, со цел да се намалат гужвите и да се забрза протокот на патници.
Во меѓувреме, Грција веќе има воспоставено одредени исклучоци, меѓу кои и за британските туристи, кои нема да подлежат на биометриска проверка. Одлуката е донесена поради очекуваните огромни туристички бранови и ризикот од колапс на граничните премини. Само во 2025 година, речиси пет милиони туристи од Обединетото Кралство ја посетиле земјата, што ја прави една од најбројните групи посетители.
Воведувањето на системот EES претставува една од најголемите промени во начинот на контрола на надворешните граници на Европската Унија во последните години. Наместо класичното печатење во пасошите, секое преминување ќе се регистрира дигитално, заедно со биометриски податоци: отпечатоци од прсти и фотографија на патникот.
Системот важи за сите државјани од земји кои не се членки на ЕУ, вклучително и Македонија, и има за цел да ја зголеми безбедноста и прецизноста на евиденцијата на влезови и излегувања од Шенген-зоната.
Но, и покрај технолошкиот напредок и безбедносните цели, новиот режим веќе предизвикува сериозни оперативни проблеми. На повеќе европски аеродроми и гранични премини се пријавени повеќечасовни чекања, особено во земјите со најголем туристички проток како Франција, Германија, Италија, Шпанија, Белгија и Грција.
Меѓународниот совет на аеродроми предупредува дека транзицискиот период може значително да го оптовари системот, особено во летните месеци кога патничкиот сообраќај е на врвот.























