
Во судницата во Идризово денеска повторно се отвори предметот за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Рочиштето, како и претходно, се одвиваше со изведување на материјални докази предложени од Обвинителството.
Фокусот на минатото рочиште беше ставен врз стручните наоди од Институтот за судска медицина. Директорот Александар Станков пред судот посочи дека кај најголемиот дел од жртвите смртта настапила како последица на труење со јаглероден моноксид: гас кој, како што објасни, се создава при пожари во затворени простории, се шири многу брзо и во вакви ситуации најчесто е клучен смртоносен фактор. Тој додаде дека кај дел од починатите е утврден и присуство на водороден цијанид, кој дополнително го засилил токсичното дејство.
Во текот на постапката, двајца сведоци не беа присутни, па нивните искази дадени во Обвинителството беа прочитани во судница. Овој потег наиде на реакција од одбраната, која оцени дека станува збор за лица од суштинско значење, особено во делот на наводното поставување на прскалките поврзани со настанувањето на пожарот.
Одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов – Деко побара и затворање на јавноста од дел од постапката, наведувајќи наводни закани по неговиот живот. Сепак, судот го одби барањето со образложение дека во записниците досега не се евидентирани никакви потврдени закани.
Паралелно со судењето, вниманието на јавноста го привлече и вчерашната прва пресуда поврзана со овој случај. Тројца полициски службеници, обвинети во еден од трите одвоени предмети, добија условни казни. Таквата одлука предизвика остри реакции од Здружението на граѓани „16 март 2025“, од каде оценија дека станува збор за недоволна правда. Тие укажаа дека за злоупотреба на службена должност законски се предвидуваат и до десет години затвор, нагласувајќи дека ваквиот исход ја продлабочува болката на семејствата на загинатите и го доведува во прашање одговорот на системот за трагедијата.























