
Растот на цените на авионското гориво, поттикнат од новите тензии на Блискиот Исток, почна сериозно да го нарушува глобалниот авио-сообраќај, јавува „Гардијан“, повикувајќи се на анализи на „Цириум“. Само во текот на еден месец, околу 13 илјади летови се повлечени од распоредите ширум светот, што резултира со губење на приближно два милиони патнички места.
Авиокомпаниите се принудени брзо да се прилагодуваат на зголемените оперативни трошоци, па стратегиите варираат од користење на помали авиони до целосно укинување на одредени линии што веќе не се исплатливи. Оваа прераспределба најсилно се чувствува на клучните европски и блискоисточни јазли.
Особено изразено намалување на фреквенцијата на летови е забележано на аеродромите во Истанбул и Минхен. Таму, големите превозници како „Туркиш ерлајнс“ и „Луфтханза“ значително ги редуцирале своите операции, при што германската компанија, според извештаите, има намалено десетици илјади кратки летови.
И додека дел од традиционалните оператори ги стегаат распоредите, нискобуџетните компании како „Изиџет“ и „Визер“ засега најавуваат дека ќе се обидат да ги задржат летните планови непроменети, иако признаваат дека растечките трошоци за гориво вршат сѐ поголем притисок врз нивното работење.
Причината за оваа нестабилност е наглиот скок на цените на керозинот, кој следува по ескалацијата на конфликтите во регионот и нарушувањата во клучните енергетски рути, меѓу кои се споменува и зголемената несигурност околу Ормускиот Теснец.
Иако засега нема директен недостиг од гориво, предупредувањата од индустријата стануваат сѐ погласни. Европските аеродроми веќе работат со намалени резерви, а неизвесноста околу стабилноста на снабдувањето се претвора во дополнителен ризик за летната сезона.






















