
Со стартот на системот „Безбеден град“ од 1 февруари, Македонија воведува значително построги правила и санкции во сообраќајот. Законските измени, усвоени во декември, овозможуваат целосна примена на автоматизиран надзор, дигитална комуникација со возачите и ригорозни мерки за повторени и тешки прекршоци.
Секој сообраќаен прекршок евидентиран со камери ќе биде автоматски доставен до возачот преку СМС порака и електронска пошта, заедно со записник и фотографија. Доколку казната се плати во рок од осум дена, таа ќе се намали за 50 проценти. Возачите и сопствениците на возила имаат обврска во рок од три дена да пријават промена на телефонски број или е-пошта, во спротивно следува глоба од 100 евра, а санкции се предвидени и за правни лица.
Новините носат и построги последици за повторени прекршоци. Ако возач во период од четири години трипати добие правосилна забрана за управување возило од иста категорија, судот задолжително ќе ја одземе возачката дозвола. Повторно полагање нема да биде дозволено најмалку една година, а мерката ќе важи и на граничните премини. Истото правило ќе се применува и за странски државјани со странски возачки дозволи.



























