
Грипот зема силен замав кај децата, а претпразнично Клиниката за респираторни заболувања во Козле е речиси преполна. Најчести симптоми се висока температура, болки во грлото, напади на кашлица, а во потешки случаи и пневмонија.
Во моментов, осумдесет деца со пневмонија се на болничко лекување, а дневно се вршат и до 250 прегледи. Пет деца се на кислородна поддршка, додека болничките капацитети се речиси целосно исполнети.
Д-р Мирјана Поповска, педијатар во Козле, појаснува дека инфлуенцата кај децата се манифестира со висока фебрилност од 40 до 41 степен, општа омалаксаност, болки во мускулите и прогресивна кашлица. „Ако има тешко дишење или напредува кашлицата, задолжително треба да се побара лекарска помош, бидејќи грипот може да предизвика масивен пневмоничен напад“, вели таа.



























