
Грција започнува втора фаза од реформата на високото образование со отстранување на околу 280.000 долгорочни, неактивни студенти од универзитетските регистри, соопшти Министерството за образование. Одлуката стапува на сила од 31 декември 2025 година и има за цел воведување ред и пофер систем за сите студенти.
Многу од долгогодишните студенти, познати како „вечни студенти“, користеле придобивки од статусот на студент, како намалени билети за јавен превоз, попусти за културни настани и бесплатно сместување во студентски домови. Според властите, многумина од нив биле запишани но неактивни со години, па дури и децении.
Министерката за образование, Софија Захараки, истакна дека целта не е казна, туку создавање модерна и праведна рамка што овозможува ред и функционалност во системот. Таа посочи дека се предвидени исклучоци за студенти со здравствени проблеми, работни обврски или сериозни семејни причини, како и „втора шанса“ за околу 35.000 од нив да ги завршат студиите.
Критичарите, сепак, предупредуваат дека строгите правила би можеле да ги погодат најранливите студенти. Еден професор истакна дека „дисциплината без поддршка не е реформа, туку напуштање“, предупредувајќи на можните негативни последици од оваа мерка.



























