
Албанскиот премиер Еди Рама најави дека Албанија ќе започне со производство на оклопни возила и борбени беспилотни летала, како дел од планот за зајакнување на одбранбените капацитети на земјата.
На предновогодишната средба со новинарите, Рама истакна дека целта е Албанија да го достигне просекот на земјите-членки на НАТО во однос на финансиската поддршка за одбраната. Тој посочи дека оваа година Албанија е опремена со ракетен систем „Џавелин“, три патролни бродови од Италија и радари за воздушен надзор во соработка со Франција.
„Главната амбиција е Албанија да произведува воени капацитети не само за сопствени потреби, туку и за извоз. Оваа година е историска за нашата армија, бидејќи се поставени темелите на одбранбената индустрија ‘Произведено во Албанија’“, рече Рама.
Премиерот додаде дека е создадена државна компанија која има партнерства со локални и странски фирми за производство на муниција, амбулантни и полициски патролни возила.
„Ќе произведуваме борбени дронови и системи против дронови. Првите нарачки се веќе направени, а во првите шест месеци од 2026 година ќе бидат видливи и првите производи. Истовремено, продолжуваме да работиме на проекти за поморската и воздухопловната индустрија“, додаде Рама.



























