
Клиниката за пластична хирургија, во соработка со Министерството за внатрешни работи, ја заврши едукативната кампања во основни и средни училишта за подигнување на свесноста за ризиците од употреба на петарди. Кампањата се спроведува под мотото „Создавај спомени без повреди – кажи НЕ за пиротехнички средства“.
Министерството за здравство информира дека лекарите од Пластична хирургија во изминатите години се сведоци на сериозни и животозагрозувачки повреди предизвикани од експлозија на пиротехнички средства.
„Петардите не се играчка. Нивното користење е забрането и може да предизвика сериозни повреди на очите, на дланките, изгореници и други тешки повреди на телото“, се наведува во соопштението.
Министерот за здравство, Азир Алиу, апелира до граѓаните да ги избегнуваат пиротехничките средства за време на празниците, истакнувајќи дека нивната употреба може да доведе до сериозни здравствени последици и траен инвалидитет.



























