
Европскиот суд за човекови права во Стразбур ја предупреди македонската влада дека постапката против бизнисменот Сеад Кочан во предметот „Труст“ може да не била фер, откако поведе формална комуникација на 2 февруари 2026 година во која побара објаснување за употребата на прислушувани материјали како докази во процесот што заврши со правосилна пресуда – 4 години и 8 месеци затвор за Кочан.
Судот постави директно и клучно правно прашање: дали пресудата врз основа на аудио‑снимки од наводно незаконско прислушување ги исполнила стандардите на фер судење според член 6 од Европската конвенција за човекови права. Во фокусот е не само прашањето за тоа како биле добиени снимките, туку и дали на одбраната и била обезбедена реална можност да ги оспори.
Во дописот до властите во Скопје, Стразбур укажува дека обвинението и судовите се потпирале на пресретнати разговори кои биле прифатени како доказ, иако, според одбраната, тие биле прибавени без судска наредба и надвор од законските рамки. Одбраната истакнува дека не добила електронски носачи со оригиналните записи, туку само транскрипти, што значително го ограничува можноста за независна анализа, идентификација на соговорниците или утврдување на автентичноста и целост на материјалите.
Стразбур го става под лупа не само потеклото на материјалите, туку и процесната рамнотежа – дали обвинителството имало доминантна контрола над доказите и дали одбраната навистина имала пристап до сите релевантни материјали, вклучително и можни снимки што би можеле да и помогнат. Судот бара јасни одговори за тоа дали бил почитуван принципот на контрадикторност и дали одбраната имала реална можност да ги провери и оспори доказите, а не само формално да ги види транскриптите на рочиштата.
Ова не е еднократен случај. Стразбур слично реагираше и во предметот „Тенк“ на Гордана Јанкулоска, каде доцна реагираше по пет години, поставувајќи идентични дилеми за пристапот на одбраната до материјали од прислушување и за фер постапка според член 6 од Конвенцијата.























