
Од следната недела, неделниот лимит за подигање готовина и плаќање со картичките на „АЛТА банка“ АД Битола ќе се зголеми од 10.000 на 15.000 денари, најави гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.
Посебно олеснување е предвидено за идните приливи од плати, пензии и социјални трансфери што ги уплаќаат институции или компании со сметки во други банки. Овие средства, според Славески, клиентите ќе можат да ги подигнат во целост, без ограничување на износот. Нема да треба да отвораат сметка во друга банка: парите ќе можат да ги користат со постојната картичка или да ги подигнат на шалтер.
Од понеделник, 9 ноември, ќе се отворат шалтери и во Тетово и Струмица, каде што клиентите без платежни картички ќе можат да подигнат до 20.000 денари. Со тоа, жителите на овие градови и околните населени места ќе можат да ги подигнат средствата без да патуваат до Битола.
За корисниците од Прилеп, Ресен и Охрид, Народната банка најави организиран автобуски превоз до филијалата во Битола за подигање пензии и социјална помош. Славески повтори дека банката е ликвидна и високо капитализирана.























