Националниот парк Шар Планина и официјално стана полноправна членка на Мрежата Паркови на Динаридите, платформа што обединува 105 заштитени планински региони од осум држави. Членството беше потврдено на VII Меѓународна конференција на Парковите на Динаридите – „Глобални и европски перспективи на заштитените подрачја во регионот“, која се одржа во Подгорица.
Претставниците на НП Шар Планина потенцираат дека членството претставува значајно признание и поттик за понатамошен развој на заштитеното подрачје.
„Особено го истакнувам тоа што со колегите од соседните држави разменивме искуства, што говоревме за добрите и лошите моменти во управувањето со заштитените подрачја“, изјави Милорад Андријески од управата на паркот.
На конференцијата, на која присуствуваа повеќе од 110 учесници од земјите од Динарскиот лак, како и од Италија, Белгија, Франција, Шпанија и Чешка, беше прифатено и зачленувањето на Паркот на природа Драгишница и Комарница од Црна Гора.
Управувачите на заштитените зони ја нагласија потребата од посилен регионален пристап во обновата на природата, подобрување на управувањето со мрежата Натура 2000, редовно оценување на ефикасноста на заштитата и интензивна меѓусебна соработка.
Во рамки на тридневната програма беа одржани четири панел-сесии, две работилници, како и седници на Управниот одбор и Собранието на Мрежата на Парковите на Динаридите.



























