На XVIII Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски беше повторно избран за претседател, но како што истакна, овој реизбор значи многу повеќе од лична победа. „Не добив само реизбор, туку победи идејата. Вечерва затвораме едно поглавје на кризи, напади и неправди и отвораме поглавје на зрелост“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека партијата денес донесе документи кои ќе ја обноват вербата во политиката и ќе покажат дека со јасна стратегија и план резултатите се достижни. „Создаваме заедно стратегија, доктрина и нова национална рамка, а оваа визија ја добива поддршката што ја претвора во обврска за сите нас“, истакна Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека товарот што го носи не е лесен, но го прифаќа со мир, затоа што зад него стои народот. „Македонија премногу долго се гледаше низ очите на другите. Време е да чекориме со свои амбиции и да ја градиме иднината што ја заслужуваме“, додаде тој.
Вечерниот конгрес беше означен како историски исчекор за партијата, која, според Мицкоски, се подготвува да излезе од кругот на страв, поделби и ниски амбиции и да започне нова ера на зрелост.



























