Унгарскиот премиер Виктор Орбан тврди дека Европската унија донела политичка одлука да се подготви за војна со Русија до 2030 година, истакнувајќи дека Унгарија ќе направи сѐ за да го спречи таквото сценарио. Тој ги изнесе овие ставови на состанок со активисти на неговата партија Фидес – Унгарска граѓанска унија во Кечкемет, предупредувајќи дека Европа влегува во „опасна фаза“.
Според Орбан, сигналите од Брисел кои се однесуваат на продолжувањето на конфликтот во Украина и потенцијалната директна конфронтација со Русија треба да се сфатат многу сериозно. „Војната е пред нашите врати; политички е неизбежна. Европските лидери решија дека Европа ќе влезе во војна и треба да бидеме подготвени за тоа до 2030 година“, рече тој.
Орбан го објасни процесот на ескалација во четири фази: прекин на дипломатски односи, воведување економски санкции и прекин на соработка, премин кон воена економија и, на крај, директна конфронтација. Тој нагласи дека одговорот на Унгарија на сите овие фази е категорично „не“.
Премиерот додаде дека Унгарија ќе продолжи да го поддржува американскиот мировен план и да се спротивставува на притисоците од Брисел, кои, според него, ја водат Европа кон воен судир со Русија. Орбан ги повика граѓаните да ја поддржат партијата Фидес на парламентарните избори во април 2026 година за земјата да може да се „тргне настрана“ од, како што посочува, опасните воени планови на ЕУ.



























