Францускиот претседател Емануел Макрон денес изјави дека Русија е „заробена во стратегија на ескалација“ и дека „не бара мир“, реагирајќи на новите напади на руските сили врз украинската инфраструктура, во кои беа повредени осум лица.
„Ги осудувам најостро масовните напади насочени кон Украина, особено кон енергетската и железничката инфраструктура. Мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија за да ја принудиме на мир“, напиша Макрон на Платформа X.
Тој најави дека во понеделник ќе отпатува за Лондон за средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, британскиот премиер Кир Стармер и германскиот канцелар Фридрих Мерц, на која ќе се разговара за ситуацијата во Украина и тековните преговори под американско посредништво.



























