Кина денеска испука три сигнални ракети кон филипински патролен авион кој летал над Јужното Кинеско Море, соопшти филипинската Крајбрежна стража. Ракетите биле испукани од гребенот Суби, кој се наоѓа под кинеска окупација, но авионот не бил оштетен.
Филипинските власти наведуваат дека државниот истражувачки авион легално патролирал над подрачје кое Манила го нарекува Западно Филипинско Море, со цел да ја следи состојбата на морската средина, рибните ресурси и безбедноста на филипинските рибари.
Пекинг често користи сигнални ракети како предупредување за странски авиони да се оддалечат од зоната што ја смета за своја.
За време на патролата, филипинскиот авион забележал кинески болнички брод, два брода на кинеската крајбрежна стража и уште 29 закотвени бродови на кинеската полиција и војска во близина на Суби. Гребенот е еден од седумте потопени рифови кои Кина во последната деценија ги претвори во силно утврдени воени бази со ракетни системи, според американски и филипински воени функционери.
Авинот продолжил да патролира и покрај предупредувањата и летал и во близина на шест други спорни вештачки острови. Крајбрежната стража соопшти дека мисијата е успешно завршена.



























