Новиот претседател на Антикорупциската комисија, Адем Чучуљ, истакна дека Комисијата ја поздравува секоја иницијатива за борба против корупцијата и ќе постапува секогаш кога има основ за тоа, без разлика дали сигналите доаѓаат од власта, опозицијата или граѓански организации.
– Ја поздравуваме секоја иницијатива за борба против корупцијата, било да е од политички партии, здруженија на граѓани или медиуми. Ќе ги следиме сите јавни настапи и секогаш каде има основ за постапување, ќе постапуваме. Сепак, треба да се има предвид дека ДКСК е превентивно тело и нашите капацитети за истраги се ограничени, појасни Чучуљ во вечерашното гостување во централниот дневник на „Сител“.
Во врска со најавите на опозициската СДСМ за објавување на снимки за наводни коруптивни активности на власта, Чучуљ рече дека Комисијата ќе ги разгледува сите случаи каде постои основ за постапување.
На прашањето за можноста да се ревидираат предметите од мандатот на претходната претседателка, Чучуљ рече дека нема потреба за тоа бидејќи сите одлуки биле донесени на јавни седници со мнозинство гласови. Дополнително, тој појасни дека распределбата на предметите е електронска и се врши според принципот на ротација, што ја елиминира можноста за влијание од страна на претседателот.
– Претходната претседателка ја смени распределбата на предметите во позитивна насока – по случаен избор, наместо по азбучен ред, што значи дека системот ги распределува предметите без влијание на претседателот, подвлече Чучуљ.
За својот избор за претседател и едногласната поддршка од пратениците, Чучуљ рече дека е изненаден и благодарен и ја гледа оваа поддршка како морална и професионална обврска да ја оправда довербата.
Тој најави и поголема транспарентност кон медиумите, со редовни брифинзи по една или две седници и подготовка на нова стратегија за соработка со јавноста.



























