На меѓународниот аеродром во Сао Пауло, најголемиот во Бразил, избувна пожар кој предизвика драматична евакуација на 169 патници од авион на Latam Airlines, соопшти авиокомпанијата. Инцидентот се случил во четврток навечер, непосредно пред летот кон Порто Алегре.
Пожарот зафатил надворешна опрема на пистата во моментот кога авионот се подготвувал за полетување. Поради густиот чад, активирани биле сите безбедносни протоколи, а патниците излегле преку приклучните мостови и по тобоганите за итни случаи.
Од Latam уверуваат дека нема повредени и дека ситуацијата била брзо ставена под контрола. Снимките на социјалните мрежи покажуваат пламен непосредно под авионот и патници кои се спуштаат по тобоганите во ноќната темница.
Според авиокомпанијата, 159 патници биле успешно префрлени и стигнале во Порто Алегре следното утро, додека 10 биле пренасочени на други летови или превезени по земја.
Аеродромскиот оператор GRU Airport објави дека заради инцидентот, полнењето гориво на другите авиони било стопирано на 10 минути.
Latam посочи дека пожарот започнал од опрема на подизведувач задолжен за товарење на авионот Airbus A320, а истрагата за причините продолжува.



























