Германскиот парламент денеска го усвои законот со кој повторно се воведува делумна воена обврска, мерка што властите ја оправдуваат со растечките безбедносни ризици и недостигот од активен воен кадар.
Министерот за одбрана Борис Писториус изјави пред гласањето дека „демократските слободи не се бранат сами од себе“ и дека потребни се луѓе кои се подготвени да ги штитат. Новиот модел предвидува воената служба да остане доброволна, но ако бројот на регрути не е доволен, Бундестагот може привремено да активира задолжителна краткорочна служба.
Законот воведува и задолжително пополнување прашалник за подготвеност за служба за сите кои наполниле 18 години, но оваа обврска се однесува само на младите мажи.
Германија е должна според НАТО-стандардите да обезбеди 260.000 активни војници, а моменталниот број во Бундесверот е околу 185.000. Доброволната служба би траела шест месеци, со месечен надомест од околу 2.600 евра.
Паралелно со дебатата во Бундестагот, низ многу германски градови се одржаа протести, предводени главно од средношколци. Под слоганот „Не сакаме да бидеме топовско месо“, демонстрантите изразија жестоко противење на враќањето на воената обврска.
Германија ја укина задолжителната служба во 2011 година поради уставни ограничувања, бидејќи државата не можеше да гарантира еднакви услови за сите регрути во генерацијата.



























