Во првиот тест период на системот „Сејф сити“, камерите го регистрираа возачот кој достигнал рекордни 231 км/ч на скопската обиколница на 1 декември. Информацијата беше соопштена од началничката на Секторот за сообраќајни работи во МВР, Маја Арсовска Манов, и државниот советник Владимир Велковски, во гостување на ТВ Телма.
Податоците собрани за само три дена од пробното пуштање на системот ја потврдуваат потребата од негово воведување со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Во првиот ден од тестирањето, 1 декември, „Безбеден град“ регистрирал вкупно 110.000 прекршоци за 24 часа, додека на 2 декември бројот изнесувал 50.652 – што претставува преполовување. Од нив, 48.861 биле прекршоци за брзина, 1.366 за поминување на црвено светло и 425 за нерегистрирани возила.
Најмногу прекршоци за брзо возење се забележани на излезот од Скопје кон Тетово – 4.300, и на булевар „Никола Карев“ – 3.000. Системот „Сејф сити“ допрва ќе ги открие сите „таленти“ на македонските возачи, истакнуваат од МВР.



























