
Сашенка, ќерката на легендарниот актер Гоце Тодоровски, со емотивни зборови се прости од својот сакан татко, кој почина по долга борба со бројни здравствени проблеми.
– Го изгубивме, се предаде Гоце Тодоровски, почина. Фамилија Тодоровски ја објавува најтажната вест после голема борба. Го напушти овој свет, а ми вети… Срцето не издржа, престана да работи. Го реанимираа направија сè, престана да дише на кислород ставен, практично апаратурата го држеше.
Не издржа бе татко, а невидена желба за живот…
Лесна ти земја татко мој вечен непребол. Душата не умира, а телото е премногу истрошено. Сега летај со ангелите…
Уште кога си замина кумац Ванчо, замина и дел од тебе – остана без една половина.
Иако пензионирани, не се помири и готово! Крај! Сега барем знам дека сте заедно, тандем на овој, па и на оној свет – напиша Сашенка Тодоровска, ќерката на актерот Гоце Тодоровски во својата објава на Фејсбук по веста за смртта на својот татко.
На 75-годишна возраст почина легендарниот македонски актер Гоце Тодоровски, по долга борба со бројни здравствени проблеми.
Тој во својата кариера одигра улоги во бројни серии, драми и емисии, но и во театарот, на телевизија и во радио-емисии.
Сепак, најзапамтен ќе остане по улогите во „Македонски народни приказни“ и како Цанде во „Солунски патрдии“.
Неодамна на Фејсбук страницата посветена на Ѓорѓи Колозов и „Македонски народни приказни“ беше објавено дека актерот е во лоша здравствена состојба, во болница.
Зад себе ги остави сопругата Тања, синот Гоце и ќерката Сашенка.

















