УТРО.мк

Потрошени 7,1 милиони евра за водоводот во Гостивар – два резервоари не се изградени, третиот не профункционирал

Потрошени 7,1 милиони евра за водоводот во Гостивар – два резервоари не се изградени, третиот не профункционирал
Vero

Повеќе од 7,1 милиони евра биле вложени во проектот за реновирање на водоводниот систем во Гостивар и институционално зајакнување на Јавното комунално претпријатие „Комуналец“, но според извори од претпријатието, дел од планираните инвестиции никогаш не биле реализирани, а дел од изграденото и пуштено во употреба не профункционирало како што било предвидено.

Според истражувањето на ТВ Телма, вкупната вредност на проектот изнесувала 7 милиони и 132 илјади евра.

Од писмото за намери до кое дошла телевизијата се гледа дека Општина Гостивар побарала финансиска поддршка од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања – СЕКО и Германската развојна банка, додека дел од средствата биле обезбедени и од самата општина уште во 2016 година.

Општина Гостивар и ЈКП „Комуналец“ се согласиле во проектот да учествуваат со 682.000 евра. Од СЕКО биле обезбедени повеќе од 4,5 милиони евра, додека Германската развојна банка учествувала со речиси 2 милиони евра.

Иако проектот бил планиран да започне во 2016 година, почетокот бил одложен поради парламентарните и локалните избори во 2017 година. Техничките активности започнале во 2018 година.

Писмото за намери го потпишале тогашниот градоначалник на Гостивар, Невзат Бејта, и тогашниот директор на „Комуналец“, Мемедали Џафери. Сепак, најголемиот дел од реализацијата на проектот се одвивал во периодот кога градоначалник на Гостивар бил Арбен Таравари, кој ја презеде функцијата по победата на локалните избори во 2017 година.

Дел од проектот не бил реализиран

Извори од ЈКП „Комуналец“, цитирани од Телма, тврдат дека дел од предвидените активности никогаш не биле реализирани, додека одредени компоненти што биле пуштени во употреба не профункционирале.

Меѓу најзначајните инвестиции било предвидено изградба на три резервоари за вода – кај Бањица, Чегран и Здуње.

Најголемиот резервоар, кај Здуње, со капацитет од 6.000 кубни метри, бил пуштен во употреба во 2024 година. Меѓутоа, според изворите на Телма, тој никогаш не профункционирал поради преместување на неговата локација, а биле пријавени и проблеми со полнењето на резервоарот.

Другите два планирани резервоари, со капацитет од 900 и 800 кубни метри, воопшто не биле изградени. Сепак, дел од цевководите што требало да водат до нив биле поставени и пуштени.

Според вработени во „Комуналец“ кои се запознаени со функционирањето на системот, токму нецелосната реализација на проектот го оневозможила планираното хидраулично зонирање и управување со притисокот во водоводната мрежа.

Како последица, велат тие, во одредени делови од општината и натаму се јавуваат недостиг на вода и нееднаков притисок.

СЕКО: Сите компоненти што ги финансиравме се завршени

Телма побарала одговори и од швајцарската страна која учествувала во финансирањето на проектот.

Од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања изразиле жалење за настаните во Гостивар и сочувство до засегнатите лица, а во одговорот нагласиле дека проектот започнал во декември 2016 година и завршил во декември 2023 година.

Според СЕКО, сите компоненти финансирани од нивниот придонес биле целосно завршени, по што проектот бил предаден на ЈКП „Комуналец“ Гостивар.

Од швајцарската институција посочиле дека од декември 2023 година повеќе не се вклучени во интервенции или инвестиции во водоснабдителниот систем. Работењето и одржувањето на системот оттогаш се во надлежност на гостиварското јавно комунално претпријатие.

Засега нема истрага од Обвинителството

Според информациите што Телма ги добила од Обвинителството, во моментов нема истрага за начинот на кој бил реализиран проектот.

Прашањата за неговата реализација повторно добија на значење во период кога жителите на Гостивар се соочуваат со проблеми со водоснабдувањето, кои, според објавеното, резултирале и со епидемија.

Премиерот Христијан Мицкоски, во изјава за медиумите, соопштил дека постои надзор кој треба да изврши ревизија и на овој проект. Тој, сепак, не прецизирал за која институција станува збор.

Проектот, кој започнал во декември 2016 и официјално завршил во декември 2023 година, бил вреден 7,132 милиони евра и требало значително да го подобри водоснабдувањето во Гостивар. Сепак, информациите за неизградените резервоари, проблемите со резервоарот во Здуње и неможноста целосно да се воспостават хидрауличното зонирање и контролата на притисокот отвораат прашања за тоа што точно било реализирано и како денес функционира системот.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin