УТРО.мк

Во Велес одбележани споменот на Мирка Гинова,  Невена Георгиева-Дуња и на Македонците борци во Граѓанската војна во Грција

Во Велес одбележани споменот на Мирка Гинова,  Невена Георгиева-Дуња и на Македонците борци во Граѓанската војна во Грција
Vero


Во Велес денеска беше одржан помен и положено свежо цвеќе во чест на македонските хероини Мирка Гинова и Невена Георгиева-Дуња, како и на Македонците кои загинале како борци во Граѓанската војна во Грција од 1946 до 1949 година, објави претседателот на Светскиот македонски конгрес и генерален секретар на Сојузот МАКЕДОН, Тодор Петров.

Настанот беше организиран од Здружението за заштита на човековите права на прогонетите од Егејскиот дел на Македонија „Ѕвезда“ од Велес, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија – МАКЕДОН, Сојузот на борците од Втората светска војна од Велес, Општина Велес и Општина Чашка.


Одбележувањето е организирано по повод 77 години од крајот на Граѓанската војна во Грција, 78 години од егзодусот на децата Македонци од Егејскиот дел на Македонија, како и 80 години од смртта и 110 години од раѓањето на Мирка Гинова.

Цвеќе најпрво беше положено на спомен-плочата на загинатите Македонци – борци во Граѓанската војна во Грција во Велес, а потоа и на спомен-плочата посветена на починатите Македонци и Грци, борци на Демократската армија на Грција (ДАГ), кои биле лекувани во Болницата за белодробни заболувања и туберкулоза во Јасеново.

На спомен-плочата во Велес се испишани имињата на 115 Македонци, доселеници од Егејскиот дел на Македонија во Велес, кои загинале како учесници во ДАГ. Според податоците наведени во објавата на Петров, во ДАГ заминале околу 400 Македонци доселени во Велес од Егејскиот дел на Македонија, од кои 115 ги загубиле животите во борбите.

Свежо цвеќе положија делегации на градоначалниците на Велес и Чашка, здружението „Ѕвезда“, Сојузот МАКЕДОН, Сојузот на борците, Светскиот македонски конгрес, како и претставници на повеќе здруженија на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, меѓу кои „Сонцето од Кутлеш“, „В’мбел“, „Загоричани“, „Свети Герман“, „Прилеп“ и „Мирка Гинова“. Почит оддадоа и претставници на Сојузот на пензионерите Велес и Здружението на акцијашите Велес.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin