
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, денеска информираше дека во Старата скопска чаршија е откриена спомен-плоча посветена на истакнатиот полски урбанист Адолф Ќиборовски, како знак на благодарност за неговиот значаен придонес во зачувувањето на еден од најпрепознатливите симболи на Скопје.
Како што истакна Меџити, по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, кога се креирала иднината на главниот град, Ќиборовски бил меѓу меѓународните експерти кои се залагале Старата скопска чаршија да остане нераскинлив дел од урбаниот идентитет на Скопје.
„Во време кога постоеле идеи историското градско јадро да биде заменето со целосно модерни решенија, Адолф Ќиборовски ја бранеше визијата дека културното и историското наследство мора да биде составен дел од развојот на градот“, нагласи Меџити.
Тој додаде дека поставувањето на спомен-плочата претставува израз на почит и благодарност за визијата и заложбите на Ќиборовски, благодарение на кои Старата скопска чаршија и денес останува една од најзначајните историски, културни и идентитетски вредности на Скопје.

















