
Заврши четииричасовниот предупредувачки штрајк на грчките цариници на граничните премини кон Македонија.
Цариниците денеска штрајкуваа од 05:00 до 09:00 часот, поради што сообраќајот на трите најфреквентни премини се одвиваше отежнато и во вонреден режим.
Иако границите не беа целосно затворени, за време на штрајкот се применуваше режим на повремено пропуштање – на секои десет минути беа пропуштани по неколку автомобили и автобус, по што премините повторно се затвараа на 10 до 15 минути.
И покрај завршувањето на штрајкот, на терен состојбата сè уште е хаотична. Поради насобраните возила формирани се километарски колони, па од АМСМ апелираат на трпение и внимателно возење.
Најголеми гужви утрово се забележани на:
– Богородица (Евзони)
– Дојран (Дојрани)
– Меџитлија (Ники)
Поради шпицот на туристичката сезона и големиот број туристи кои патуваат кон Грција, надлежните очекуваат зголемен метеж на граничните премини и во наредните недели.
Дополнителен притисок имало и на бугарско-грчката граница, каде што голем број туристи, особено од Србија, се преориентирале мислејќи дека ќе ги избегнат гужвите поради најавениот штрајк.
Возачите се советуваат да ја следат состојбата на граничните премини во живо и по можност да го одложат патувањето за попладневните часови.

















