
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, денес оствари значајна работна средба во Брисел со европската комесарка за проширување, Марта Кос. На средбата се разговараше за актуелниот напредок на земјата кон Европската Унија, реформските приоритети и предизвиците со кои се соочува процесот на интеграција.
Сали потврди дека членството во Европската Унија останува стратешка цел на Владата, истакнувајќи го тоа како долгорочна инвестиција во мирот, стабилноста и просперитетот на цела Европа. „Позитивниот моментум што е создаден мора да се искористи преку тесна и континуирана соработка со европските институции, со цел конкретно унапредување на интегративниот процес“, рече тој.
Во својата улога на министер за европски прашања и главен преговарач, како и национален координатор за Инструментот за реформи и раст (RGF) и НИПАК, Сали нагласи дека државната администрација останува фокусирана на реформите поврзани со ЕУ, со посветеност на одржување континуитет и темпо во согласност со европските стандарди.























