
Во Основниот кривичен суд Скопје денеска се отвори постапката против тројца полициски службеници од Кочани: Кире Богатинов, Горан Лазаров и Александар Темелков, поради нивната вмешаност во пожарот во дискотеката „Пулс“ од 16 март 2025 година, кој однесе 63 животи, претежно на млади луѓе, и остави над 200 повредени.
Обвинителката Ивана Трајчева од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен предлог, а судењето ќе се води по скратена постапка.
Според обвинувањата, во периодот од октомври 2023 до февруари 2024, Богатинов и Лазаров не постапиле по анекс-планот за акциска контрола, а при изготвувањето на записниците за контрола на „Пулс“ внесувале погрешни информации за фирмата и за одговорното лице. Во меѓувреме, инспекторите констатирале нарушувања на јавниот ред и мир, но не побарале ниту лиценца за работа на клубот.
Како командир на ПС Кочани, Темелков требало да го провери целокупниот материјал пред да одобри прекршочни постапки во два случаи во 2024, потпишал и поднел барања против правно лице кое веќе не постоело и против лице кое не било одговорно за „Пулс“.
Обвинителството тврди дека тројцата намерно внесувале неточни податоци за да му овозможат на „МММ Кафе ДООЕЛ“ и нејзината подружница „Пулс“ непречено работење, прибавувајќи им имотна корист и оставајќи го клубот без законска контрола. Со ваквите дејствија, на обвинетите им се става на товар кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“.























