
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека досега вкупно 473 македонски државјани се обратиле до дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија во Израел, Катар и Обединетите Арапски Емирати, од почетокот на конфликтот.
Според официјалните податоци, 19 македонски државјани се пријавиле од Тел Авив, 106 од Доха, а најголем дел – 348 лица – побарале помош во Абу Даби. Во оваа бројка се вклучени и граѓани кои се наоѓаат во Кувајт (18) и Бахреин (12).
Министерството информира дека засега не се препорачува евакуација по копнен пат за оние кои се во Катар и ОАЕ. Сепак, како што велат од МНР, се разгледуваат сите опции за нивно безбедно извлекување веднаш штом ќе се создадат соодветни услови. Во меѓувреме, за македонските државјани во Тел Авив активно се бараат алтернативни решенија за нивна безбедна евакуација.
Од министерството апелираат граѓаните постојано да ги следат насоките и предупредувањата на локалните власти, а за итни случаи на располагање се дежурните телефони на кризниот штаб и контактите на дипломатско-конзуларните претставништва.























