Обвинителството во Битола поднесе жалба против одлуката на Судот, кој одреди двајца од осумте осомничени во истрагата за злоупотреби со јавните набавки во РЕК „Битола“ да одат во куќен притвор. Од Обвинителството бараат мерка затворски притвор, посочувајќи ризик од бегство, особено кај Борче Марковски, сопственик на фирмата „Марковски компани“, кој има значителен имот во странство.
Станува збор за еден од раководителите на Рудници во РЕК „Битола“ и Марковски, чија фирма претходно добивала тендери од Комбинатот. Јавното обвинителство отвори истражна постапка против осум физички и едно правно лице за продолжени кривични дела поврзани со јавни набавки во 2023 година.
Петмина службени лица од РЕК Битола, меѓу кои тогашниот директор и четворица раководители, се сомничат дека како соизвршители ја злоупотребиле службената положба за да прибават корист на друг и да го оштетат комбинатот, организирајќи незаконска јавна набавка за дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во ПЕ Рудници.
Правното лице „Марковски компани“, неговиот сопственик и уште едно лице се сомничат дека доставувале фактури за непостапени работи, по што од РЕК Битола незаконски наплатиле над 106 милиони денари со вклучен ДДВ.
Предистражните дејствија на Управата за финансиска полиција обезбедиле докази кои укажуваат на основано сомнение дека петмина службени лица сториле продолжено кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување според член 353 од Кривичниот законик.