
Американската компанија Nvidia го презеде стартапот Kumo AI, четиригодишна компанија која развива фундаментални модели за деловни предвидувања, објави „Форчн“, повикувајќи се на извори запознаени со договорот.
Според информациите, во „Нвидиа“ веќе се приклучиле тројца од коосновачите на стартапот – меѓу нив и македонскиот инженер Вања Јосифовски, заедно со Хема Рагаван и Јуре Лесковец. Тие наводно се приклучиле на компанијата уште минатиот месец, додека нивните профили на професионални мрежи веќе ја одразуваат промената на работодавачот.
Финансиските детали од договорот не се официјално објавени, но според проценките вредноста на аквизицијата би можела да достигне околу 400 милиони евра. „Нвидиа“ не го коментирала договорот.
Kumo AI, со седиште во Маунтин Вју, Калифорнија, во 2022 година има обезбедено 37 милиони долари ризичен капитал од инвеститори меѓу кои и Sequoia Capital. Технологијата на компанијата веќе била користена од големи платформи како DoorDash, Reddit и Sainsbury’s.
Стартапот развива т.н. RFM модели кои овозможуваат брзи предвидувања за деловни процеси како одлив на клиенти, кредитен ризик и други аналитички задачи, без потреба од дополнително сложено тренирање на моделите.
Nvidia во последните години интензивно ја проширува својата стратегија преку преземања и интеграција на стартапи од областа на вештачката интелигенција, со цел да го зајакне својот екосистем и развојот на напредни AI системи.















