
Премиерот на Македонија Христијан Мицкоски соопшти дека државата за првпат од осамостојувањето е избрана во едно од водечките тела на Обединетите нации – Економски и социјален совет на Обединетите нации (ЕКОСОК), при што добила 174 гласа поддршка.
Како што истакна Мицкоски, изборот во ЕКОСОК за периодот 2027–2029 година претставува голем успех за државата и македонската дипломатија, како и потврда за зголемената доверба на меѓународната сцена.
Тој нагласи дека ваквиот резултат е доказ дека државата може да постигнува значајни меѓународни успеси кога работи плански, сериозно и со јасно дефинирани дипломатски цели.
Во изминатиот период, како што посочи премиерот, Македонија веќе стана членка на Советот за човекови права на Обединетите нации, како и на Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиското оружје, што дополнително го зајакнува нејзиниот меѓународен кредибилитет.
Според Мицкоски, членството во ЕКОСОК е продолжение на позитивниот тренд и доказ дека државата сè поактивно учествува во глобалните процеси.















