
Системот „Сејф сити“ во наредниот период ќе биде проширен со нови функционалности и ќе опфаќа поголем број сообраќајни прекршоци, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тој посочи дека системот веќе не служи само за евидентирање на брзо возење, туку регистрира и други прекршоци како погрешно престројување, недозволено свртување и поминување на црвено светло.
Според Тошковски, една од првите следни фази ќе биде воведување санкции за непрописно паркирање, при што процесот ќе се реализира внимателно и во координација со повеќе институции.
„Во делот на погрешно паркирање, тоа ќе е една од првите фази кои ќе бидат имплементирани“, изјави министерот.
Тој нагласи дека целта е да се избегнат неправилности во казнувањето на граѓаните, па затоа пред имплементацијата ќе бидат прецизно дефинирани сите правила и процедури.
Како прв чекор за примената на проширениот систем, Тошковски ги посочи главните булевари и сообраќајници во Скопје, каде најпрво ќе се врши детекција на прекршоците.
















