Собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање денеска даде зелено светло за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градење, кој се носи по скратена постапка и за кој не беа поднесени амандмани.
Предлог-измените предвидуваат станбено-деловните објекти и градбите за колективно домување, на локации каде што постои техничка можност за приклучок на систем за дистрибуција на топлинска енергија, задолжително да се проектираат и градат со комплетна машинска и техничка инсталација за парно греење.
Според Владата, целта е да се обезбеди поефикасно користење на енергијата и подобра топлинска изолација во урбаните средини каде што е достапна топлинска инфраструктура. Ваквото решение, како што се наведува во образложението, треба да придонесе кон намалување на загадувањето во зимските месеци и да обезбеди унифициран и квалитетен систем за снабдување со топлинска енергија во колективното домување и станбено-деловните комплекси.
Комисијата даде поддршка и за Предлог-законот за дополнување на Законот за јавни патишта, во прво читање.



























