Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Александар Николоски, упати силен апел кон Европската Унија за време на Форумот „Прашања на проширување: Новата геополитичка, безбедносна и економска граница на Европа“, организиран од „Пријатели на Европа“ во Брисел.
Николоски истакна дека земјите од регионот, вклучувајќи ја и Северна Македонија, со години се посветени на европските вредности, но дека недостига соодветна испорака и политичка волја од страна на ЕУ.
Во своето излагање, вицепремиерот ги потсети присутните на низата тешки отстапки што ги направи Северна Македонија на нејзиниот европски пат. Тој посочи на две промени на името, промена на валутата и знамето, како и седум уставни измени, со осма измена која е во тек.
„Тоа е бескрајна приказна и кога зборувате со луѓето, тие прашуваат: дали е ова последната работа? И тоа е одговорот што не го добиваме“, рече Николоски, нагласувајќи ја неизвесноста со која се соочуваат граѓаните.
Тој ја потенцираше потребата за баланс и одговорност од другата страна, во моментите кога Северна Македонија е обврзана да спроведува договори потпишани од претходни влади, но без гаранција дека тоа е последната пречка. Сепак, нагласи дека земјата нема да се откаже од својот пат и продолжува со внатрешните реформи, користејќи домашни ресурси и соработка со стратешките партнери како ЕУ, САД и Обединетото Кралство, со која земјата неодамна потпиша Договор за стратешко партнерство.
Николоски оцени дека секое проширување во историјата на ЕУ било политичка одлука, од Грција и Португалија до Романија и Бугарија. Оттука, според него, јасно е дека за Западниот Балкан недостига политичка волја во Унијата.
Тој повика на фер и отворен пристап, барајќи од земјите-членки да кажат јасно што е возможно, а што не, со цел да се избегне постојаната „состојба на чекање“.
„Сметам дека е фер да им се каже на луѓето од регионот – ова може, ова не може. И ајде да ги правиме работите што може да се направат… Вака сме заглавени во ситуација на чекање: следниот самит, следниот самит, Јуни, Декември, можеби во средина на Март“, предупреди вицепремиерот.
Николоски предупреди дека евентуалното пропаѓање на европскиот процес носи сериозни безбедносни ризици, бидејќи може да отвори простор за преземање на моќта од екстремни сили во регионот, потсетувајќи на трагичните искуства од 90-тите.
Во однос на регионалната соработка, тој ги истакна значајните инвестиции во инфраструктурното поврзување преку европските коридори 8 и 10, како и олеснувањето на трговијата и движењето со соседните земји. Тој, исто така, се осврна на справувањето со теориите на заговор, посочувајќи дека испораката на резултати е единствениот начин да се надминат.
На крајот, Николоски нагласи дека ЕУ треба да примени фер и јасен пристап кон регионот и да ги користи механизмите за решавање на билатерални прашања, како што тоа го правела со други земји-членки (на пример, Словенија и Хрватска), кои не се применети во случајот на Македонија.



























