Утрово, посетителите на Меѓународниот аеродром Скопје беа сведоци на впечатлива и редка глетка. Масивниот транспортен авион „Боинг 747-400“, управуван од американската компанија Atlas Air, успешно слета на скопската писта, по долг лет од воената база Довер на источниот брег на САД.
Овој транспорт беше организиран за потребите на Армијата на Република Северна Македонија, што ја потврдува континуираната и интензивна воена соработка со САД како стратешки партнер.
Пристигнувањето на широкотрупни авиони од типот на „Кралицата на небото“ е редок настан за македонското небо, а нивното слетување на скопскиот аеродром, кој инфраструктурно не е наменет за редовни операции на најтешките авиони како Боинг 747, А350 или А330, покажува дека ваквите специјални летови се возможни во исклучителни околности.



























