Поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, категорично ги отфрли сите наводи од кривичната пријава поднесена против него и други лица во врска со јавната набавка на електрични автобуси во општината.
Во својата реакција, објавена на Фејсбук, Костадинов истакнува дека проектот, кој го смета за „стратешки и со јасни економски, еколошки и сообраќајни бенефити“ за жителите на Струмица, бил спроведен во целосна согласност со законските процедури.
Тој појаснува дека иницијативата за проектот започнала од Општината, била изгласана од Советот на Општина Струмица и опфатила формирање на Јавно сообраќајно претпријатие и спроведување на јавна набавка.
„Верувам дека сите овие чекори се спроведени според важечките закони“, наведува Костадинов.
Поранешниот градоначалник потенцира дека тој и сите инволвирани лица „стојат на располагање на сите надлежни органи и институции“ за да ги елаборираат деталите за спроведувањето на проектот, кој, како што нагласува, денес „беспрекорно функционира во пракса“.
Костадинов кратко заклучи дека не сака да дава политички коментари во врска со настанот.



























