АД за пренос на природен гас НОМАГАС Скопје во државна сопственост и Србијагас најавуваат забрзување на реализацијата на проектот за изградба на интерконектор за природен гас помеѓу Северна Македонија – Србија.
Директорите на НОМАГАС Мухамед Елмази и на Србија гас Душан Бајатовиќ вчера во Белград потпишале Меморандум за соработка помеѓу со кој двете страни ја потврдиле цврстата заложба за унапредување на билатералната соработка и забрзување на реализацијата на проектот за изградба на интерконекторот.
– Овој стратешки проект, од особено значење за двете држави, ќе придонесе за зајакнување на енергетската безбедност во регионот, унапредување на енергетската транзиција и диверзификација на правците на снабдување, поефикасно балансирање на понудата и побарувачката на природен гас, како и интеграција на регионалните гасни пазари, објави Елмази на Фејсбук.
Интерконекторот ќе ги поврзе системите за пренос на природен гас на двете земји преку гасовод со должина од околу 70 километри – 47 километри на територија на Србија и 23 километри на територија на Северна Македонија. Поврзувањето ќе се реализира од градовите Клечовце и Врање, при што во рамки на проектот се предвидува изградба на главна мерна станица на македонска територија и контролна мерна станица на српска страна.
Елмази информира дека во тек е изработка на Студија за изводливост и проценка на влијанието врз животната средина, поддржано од Инвестициската рамка за Западен Балкан (Western Balkan Investment Fond/ WBIF)
– Потпишувањето на овој Меморандум претставува значаен чекор кон продлабочување на регионалната енергетска соработка и ја потврдува заедничката визија на двете земји за развој на сигурен, стабилен и интегриран пазар на природен гас во Југоисточна Европа, наведува директорот на НОМАГАС.