
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски изјави дека се распрснала, како што рече, лагата на СДСМ во врска со наводите за „мигранти за пари“, нагласувајќи дека Македонија има договор за стратешко партнерство со Велика Британија и договор Влада со Влада за реализација на инфраструктурни проекти.
Според него, станува збор за историско постигнување за Македонија, кое отвора можности за големи инвестиции и развој на клучни инфраструктурни и стратешки проекти.
„Вистината е секогаш најлесна. Само кога се кажува вистината се стигнува до целта – понекогаш потешко, но секогаш сигурно. Денес како меур од сапуница се распрсна лагата на СДСМ за ‘мигранти за пари’“, напиша Николоски.
Тој посочи дека по расчистувањето на, како што наведе, дезинформациите, Владата ќе продолжи со работа на реализација на проектите кои се дел од договорената соработка со Велика Британија.
Меѓу клучните проекти кои ги наведе се изградбата на брзата железничка линија на коридорот Табановце – Куманово – Скопје – Велес – Гевгелија – Солун, изградба на нови болници во Штип, Тетово и Кичево, како и продлабочување на соработката во одбраната и сајбер безбедноста.
Николоски нагласи дека целта на договорите е реализација на проекти кои ќе придонесат за подобар животен стандард и економски развој, како и за зацврстување на пријателството меѓу Македонија и Велика Британија.























