
Компанијата Лукоил Македонија донесе одлука за привремено ограничување на продажбата на дизел гориво на своите бензински пумпи, која стапи на сила од 7 март 2026 година.

Според известувањето до потрошувачите, новите мерки се однесуваат на точење гориво за одредени категории возила, со цел подобро управување со снабдувањето во актуелните услови.
Со одлуката се воведува ограничување според кое тешките товарни возила, односно камионите, тракторите и автобусите, ќе можат да точат најмногу 50 литри дизел гориво по возило. Мерката се однесува на Еуро дизел БС и ЕКТО ДИЗЕЛ.
Истовремено, од компанијата информираат дека строго се забранува точење гориво во туби и канистри кои не ги исполнуваат пропишаните безбедносни стандарди.
Од ограничувањето се изземени возилата кои точат гориво врз основа на веќе склучени договори со компанијата, за кои ќе продолжат да важат договорените услови.
Од Лукоил Македонија појаснуваат дека мерката е привремена и е донесена во рамки на нивната политика за општествено одговорно работење, со цел да се обезбеди рамномерно снабдување и заштита на интересите на сите потрошувачи.























