
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека во државата има доволно нафта и нафтени деривати и ги повика граѓаните да бидат спокојни, додавајќи дека Владата е подготвена веднаш да реагира доколку дојде до драматичен раст на цените.
Одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето на камен-темелникот на новиот кампус на Универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје, Мицкоски нагласи дека не би ги коментирал одлуките на Регулаторна комисија за енергетика, бидејќи станува збор за независна институција која одлуките ги носи врз основа на утврдена методологија.
Тој информираше дека Владата имала состанок со најголемите дистрибутери на нафта и нафтени деривати, при што било заклучено дека снабдувањето е стабилно.
„Заедничкиот заклучок беше дека има доволно нафта и нафтени деривати. Граѓаните треба да бидат спокојни. Кај нас цената е значително пониска од онаа во соседството. Ако литар во Србија е околу 120 денари, кај нас е околу 70 денари, а слична е состојбата и во споредба со Косово и Албанија“, изјави премиерот.
Мицкоски посочи дека Владата е подготвена да интервенира доколку има нагло поскапување на нафтата на светските пазари.
„Доколку има драматичен скок на цената на нафтата и нафтените деривати, Владата веднаш ќе интервенира, уште на следната седница. Имаме неколку опции – намалување на акцизата или на ДДВ. Апсолутно ќе застанеме во одбрана на стандардот на граѓаните“, нагласи тој.
Премиерот додаде дека инфлацијата и трошоците за живот во јануари изнесувале 3,1 проценти, но очекува тие да се стабилизираат во февруари и да паднат под три проценти.
Тој информираше и дека државните резерви на нафта и нафтени деривати во моментов покриваат повеќе од 62 дена од вкупната дневна потрошувачка, што, според него, претставува историски високо ниво.























