
Мартина Димоска, инженерка од Кичево, е првата жена од Балканот што станува аналогна астронаутка, и преку својата кариера поставува нови стандарди во светот на вселенските истражувања и науки. Во разговор за МИА, таа ја опиша својата работа како учество во високо реалистични симулации на вселенски мисии, кои служат за тестирање на технологии, човечки перформанси и оперативни процедури пред да се применат во вистински вселенски услови.

Аналогните астронаути, како Мартина, живеат и работат во изолирани бази со ограничена комуникација, строго придржувајќи се до мисиски правила, што им овозможува да се подготват за потенцијални мисии на Месечината, Марс и други планети. Овие мисии, како што објаснува Димоска, се клучни за подобрување на безбедноста и ефикасноста на системите што би биле користени во идни вселенски истражувања.

Нејзиниот пат кон „вратата кон вселената“ не бил лесен, бидејќи доаѓа од земја без национална вселенска агенција, што значело дека морала сама да гради мрежи на контакти, знаење и патеки за влез во вселенската заедница. Таа студирала инженерство, има следено специјализирани програми и тренинзи низ Европа и САД, а својата кариера ја заснова на посветена работа, истражување и неизбежни лични жртви.





















